Наспроти невладините и активистите што се противат на спојувањето концеисии и воопшто на отворањето рудници, ресорот на Бектеши, пак, е на став дека концесиите за Иловица-Штука треба да се споени. Ова го објаснуваат со тоа дека двете се една целина, односно првата е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување
Невладината организација „Здрава котлина“, која се бори против отворање рудници во Струмичко, ја оценува како дрска изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека нема да ја повлече одлуката за спојување на концесиите за Иловица и Штука.
Костадин Ристоманов, кој е член на управниот одбор на „Здрава котлина“ и претседател на „Еко долина“, во изјава за ТВ 24 вели дека министерот има право на свој став, но тој не е оној што одлучува, туку одлуки носи Владата. За ставовите на министерот, нагласува, граѓаните имаат право да знаат со кои аргументи ги оправдува.
„Не е тој што донесува одлуки, туку Владата ги носи одлуките, а неговото однесување точно кореспондира со тоа што сите го знаеме во државата дека всушност ДУИ владее со државата и така се однесува. И со таа негова изјава дека тој нема да ја повлече одлуката, всушност изигрува на некој начин како да ни е тој премиер, а не Ковачевски. Втора работа, не е проблем тој да има свое мислење и став и уште сто пати нека гласа, но граѓаните имаат право да знаат зошто и под кои аргументи го кажува тоа“,
вели Ристоманов за ТВ 24.
Ресорот на Бектеши, пак, е на став дека концесиите за Иловица-Штука треба да се споени. Ова го објаснуваат со тоа дека двете концесии се една целина, односно првата е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување.
Откако една од концесиите која беше одземена, со одлука на Управниот суд беше вратена на инвеститорите, се случи спојувањето на двете концесии за рудници.
„Досега не доставивме предлог за спојување на концесиите до Владата оти раскинавме една концесија, немаше основа. Сега, по одлуката на Управниот суд да им ја врати концесијата, побарале спојување и ние по службена должност ги пративме целокупните материјали до Владата на одлучување. Ако направевме спротивно, ќе го прекршевме законот“,
рекоа од Економија.
Имател на концесиите е „Еуромакс рисорсис“ и компанијата за четири години треба да обезбеди документација за да побара дозвола за експлоатација. Меѓу потребната документација ќе треба да достави докази за решени имотноправни спорови, геодетски елаборати, студија за оцена на влијанието врз животната средина итн.