Денеска завршуваат мерките што Владата ги воведе за да се спречи ценовен шок и да се заштити стандардот на граѓаните, па се очекува поскапување на цените за основните прехранбени продукти, но и горивата.
Владата денеска одржува седница, но нема информација дека ќе се оди со ново продолжување на мерките.
Меѓу мерките што завршуваат е намалениот ДДВ за основните прехранбени продукти од 5 на 0 отсто, кои стапија во сила на 17 март годинава за: лебот; шеќерот; брашното тип 400; сончогледовото масло за јадење; трајното млеко; свежото месо; оризот и јајцата.
Исто така, завршува и мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска информираа дека нивната пратеничка група ќе поднесе предлог-закон со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година. Дополнително, ќе бараат и ДДВ за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година.