Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добиените пријави се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки

Лажни се и денешните дојави за поставени бомби што беа упатени на вкупно 20 училишта во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 20 училишта во Скопје по добиените пораки на електронските адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се вели во соопштението од МВР.
Веднаш по добиените пријави, додаваат оттаму, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Денеска дојави за бомби беа стигнати на електронските адреси на 20 училишта. Пет од училиштата беа во Општина Гази Баба, за што попладнево информираше и градоначалникот Бобан Стефковски.
Прва дојава за поставена бомба имаше и во училиште во Охрид. Утрината во 07:06 минути на електронската адреса на општинскиот електро-машински училиштен центар “Св.Наум Охридски“ стигнала порака со заканувачка содржина дека во објектот е поставена бомба.