Според правилникот за одмерување на казни во сојузната држава Минесота, каде се одвиваше судењето, на Шовин му се заканува казна затвор и од неколку децении. Обвинителот може да побара подолга казна до максимум 40 години, која судијата би можел да ја одреди ако оцени дека преовладуваат отежнувачките околности
Смртта на Џорџ Флојд изнесе милиони Американци на протести низ улиците против полициската бруталност и расно базираното насилство, а го „воскресна“ и движење „Црните живот се важни“ (Black Lives Matter) кое доби огромно меѓународно внимание и стана глобално препознатливо
Поранешниот американски полицаец Дерек Шовин, обвинет за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, е прогласен за виновен.
Поротата, составена од 12 члена, го прогласи за виновен за сите основи од обвинението: ненамерно убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од втор степен.

Судењето траеше три недели, а поротниците имаат можност да ги слушнат двете спротивставени страни, обвинителството и одбрана, како и сведочењето на 45 сведоци меѓу кои случајни минувачи, полицајци и медицински вештаци. Во текот на судењето беа презентирани и видеоснимки. На крајот, поротниците одлучија дека 45-годишниот Шовин ги пречекорил полициските овластувања и употребил прекумерна сила.
Откако поротата го прогласи за виновен, казната треба да ја соопшти судот. Според правилникот за одмерување на казни во сојузната држава Минесота, каде се одвиваше судењето, на Шовин како главен сторител на убиството му се заканува казна затвор и од неколку децении. Како што пренесува „Ројтерс“, обвинителот може да побара подолга казна до максимум 40 години, која судијата би можел да ја одреди ако оцени дека преовладуваат отежнувачките околности.
Шовин во текот на судењето се изјасни за невин, а неговата одбрана настапуваше со тврдењето дека тој како полицаец си ја работел својата работа и постапувал според тоа како е обучен во текот на неговата 19-годишна кариера односно не ја пречекорил границата на своите овластувања. Смртта на Флојд, според одбраната, не била предизвикана од постапувањето на полицаецот туку од супстанците кои биле во организмот на афроамериканецот во комбинација со неговите срцеви заболувања, високиот крвен притисок и адреналинот.
Обвинителството, пак, со чие обвинение се согласи поротата, тврдеше дека во случајот со Флојд станува збор за убиство предизвикано од полициската бруталност.
И судењето и соопштувањето на одлуката на поротата се одвиваа под строги безбедносни мерки, а судската зграда постојано беше со засилено обезбедување.
Од безбедносни причини, но и за да се заштитат од притисок, пред почетокот на судењето беше соопштено дека јавно нема да биде објавени идентитетите на поротниците. Нивните имиња досега не се објавија, а она што е познато од судските записници е дека поротата ја сочинувале: 4 бели жени, 2 бели мажи, 3 црни мажи, 1 црна жена и 2 жени од исламска вероисповест.

Џорџ Флојд беше убиен на 25 мај лани. Се започнало кога тој купил кутија цигари од продавница во јужниот дел од Минеаполис. Продавачот се посомневал дека Флојд му дал фалсификувана банкнота од 20 долари и повикал полиција. Неколку полицајци дошле да го приведат и му ставиле лисици, а кога се обиделе да го внесат во возилото, Флојд пружал отпор. Борбата завршила со соборување на афроамериканецот на улица, а тогашниот полицаец Шовин со коленото го притискал вратот на Флојд повеќе од 9 минути. Во приведувањето му помагале уште 2 полицајци, додека друг нивен колега ги спречувал случајните минувачи да интервенираат. Легнат и притиснат на земја, според обвинението, Флојд повеќе од 20 пати рекол дека не може да дише. Направената обдукција потоа покажа дека смртта настапила од задушување.
Снимка од овој настан го обиколи светот и изнесе милиони Американци на протести низ улиците против полициската бруталност и расно базираното насилство. Смртта на Џорџ Флојд го воскресна движење „Црните живот се важни“ (Black Lives Matter) кое доби огромно меѓународно внимание и стана глобално препознатливо.