Според ДИК, во 80 општини и во Градот Скопје, до општинските изборни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека заврши рокот за поднесување кандидатски листи за градоначалници и советници во општинските совети и Градот Скопје.
Според ДИК, во 80 општини и Градот Скопје, до општинските изборни комисии се поднесени вкупно 312 листи со кандидати за градоначалници и 575 листи со кандидати за советници на општините и Градот Скопје. Во овие бројки се вклучени листите со кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи.
Најголем број листи со кандидати за градоначалник и советници се поднесени за Градот Скопје – вкупно 18 листи со кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи со кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
„Согласно роковникот за локалните избори 2025 година, општинските изборни комисии доставуваат барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата, односно најдоцна на 14 септември. Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа со кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдоцна на 20 септември 2025 година“,
соопшти ДИК.
По завршувањето на овој процес, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини што ќе учествуваат на изборите.