Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во втората фаза ќе бидат обезбедени најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското Езеро

Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објави дека е завршена првата фаза на санирање на хидросистемот „Ѓавато“ од кој се полни Дојранското Езеро.
Тој напиша дека бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и дека никаде нема протекување.
„На првата шахта е монтирана една репарациона спојка, на втората шахта монтирани се две репарациони спојки, на делот каде што се спојува цевката Ф273 со Ф914 – извршено е заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода што ќе се влеваат во Дојранското Езеро“,
напиша Мицкоски.
Понатаму во објавата премиерот потсети каква беше состојбата на хидросистмот пред интервенцијата.
„Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам“,
вели тој.
Премиерот објави дека во втората фаза ќе бидат обезбедени најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското Езеро.
„Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија. Продолжуваме да го исправаме тоа што е уништено, запоставено. Многу работа завршивме, уште повеќе нѐ чека. Македонија се сака со дела!“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот Мицкоски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лешкоска во петокот, на 22 август, учествувуваа во увидот на активностите за санација на хидросистемот „Ѓавато“. Мицкоски тогаш изјави дека по санирањето, системот во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален.