Одбраната, како што најави, во наредните 15 дена има право да доставува докази кои јавното обвинителство ќе ги цени со тоа што по поминување на тие 15 дена ќе се донесе јавно-обвинителска одлука
Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски денеска соопшти дека истрагата за пожарот во Кочани е завршена и дека од утре почнува увидот на одбраната во доказите.

„После два и пол месеци, истрагата се завршува утре, што значи дека од утрешниот ден се почнува со увид во предметот од страна на одбраната“,
рече вечерва Коцевски во гостување на ТВ 24.
Одбраната, како што најави, во наредните 15 дена има право да доставува докази кои јавното обвинителство ќе ги цени со тоа што по поминување на тие 15 дена ќе се донесе јавно-обвинителска одлука.
Според него, со оглед дека досега ваков предмет немало во државата, се работи за многу сложена истрага со многу преземени дејствија, во која се вклучени 13 јавни обвинители.
„Во рекордно време се обезбедија сите релевантни докази кои беа битни за истрагата“,
кажа тој.
Додаде дека продолжува истрагата околу улогата на полицајците што таа ноќ биле во дискотеката и не исклучува можност доколку се обезбедат докази, истрагата да се прошири.
Засега не може да прецизира колкав ќе биде конечниот број обвинети, а најави можност за некои да биде прекината истрагата.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.