По затворањето на избирачките места ќе може да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа
Во 19 часот вечерва се затворени избирачките места на кои граѓаните денеска гласаа на осмите локални избори од осамостојувањето на државата, четврти по ред на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. По затворањето на избирачките места ќе може да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Во 7:00 часот утринава беа отворени 3 474 избирачки места на територија на државата. Право на глас на првиот круг од изборите имаа 1 832 415 лица запишани во Избирачкиот список.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје, вкупно 16.
Според податоците на ДИК за излезеноста до 17 часот, во некои општини може да се забележи многу низок процент на излезеност, поради што постои опасност таму да не биде избран градоначалник. Согласно членот 132 од Изборниот законик, за да има победник денеска или за да има втор круг гласање по две недели, денеска мора да гласаат минимум 33,33 отсто од избирачите запишани во соодветната општина.