Во првиот круг за градоначалник е избран кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите што гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи во одредена општина
Завршува гласањето на првиот круг од локалните избори за градоначалници и советници во 80 општини и во градот Скопје. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на последната прес-конференција ги повика политичките субјекти и медиумите на воздржаност до 19:30 наместо до 19 часот, додека да гласаат избирачите што се затекнаа на избирачките места по 19 часот.
„Во согласно со Изборниот законик, гласањето завршува во 19 часот. Во врска со избирачките места каде што се затекнати гласачи пред објектот, ДИК смета дека е добро да им се излезе во пресрет на гласачите и затоа повикуваме до 19:30 часот партиите, медиумите и сите други да се воздржат од активности. ДИК смета дека ова е најдобро решение“,
истакна Даштевски.
Партиските раководства се во своите штабови, каде што ги чекаат резултатите од гласањето.
Даштевски најави дека резултатите од гласањето по првпат ќе бидат внесени директно од избирачките места и ќе бидат достапни на веб-страницата на ДИК.
„Што се однесува до излезеноста на 2 785 избирачки места, со 1 415 409 запишани избирачи, вкупен број на гласачи кои излегле на гласање е 697 637, односно процентот на избирачи што гласале во изборните места од кои пристигнале податоци е 49,29 отсто“,
изјави Даштевски.
На денешните локални избори право на глас имаа 1 824 864 граѓани, кои можеа да гласаат на 3 480 избирачки места.
На изборите учествуваат 10 831 кандидати, од кои 299 за градоначалници, а другите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи и 31 листа од политички партии и коалиции.
Првпат оваа година гласачите се идентификуваа со уреди за биометриска идентификација преку отпечаток од прст. Овие уреди ги содржат само личните податоци за гласачите од Избирачкиот список во избирачкото место.
Исклучок од гласањето со уреди за биометриска идентификација се лицата кои гласаа вчера – болните, немоќните, лицата во изолација поради ковид-19, Вчера гласаа и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.
Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови, во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето, односно овој пат на 31 октомври. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите според пропорционалниот модел.
Локалните избори ги мониторираат 1 045 набљудувачи, од кои 714 домашни. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи.