Според официјалните податоци на Националната изборна канцеларија на Унгарија, до 18:30 часот излезеноста изнесува 77,8 отсто, што е историски највисока досега. Рекордот беше соборен уште при објавувањето на излезеноста до 17 часот до кога на гласање излегле 74,23 отсто од запишаните гласачи

Во 19 часот беа затворени гласачките места во Унгарија со што заврши гласањето на денешните парламентарни избори. За неколку часа ќе се знае дали ова се избори со кои ќе заврши 16-годишното владеење на премиерот Виктор Орбан.
Предизборните анкети во последните две недели покажаа дека неговата партија Фидес заостанува зад Тиса, новата проевропска партија на Петер Маѓар.
Рекордна излезеност
Според официјалните податоци на Националната изборна канцеларија на Унгарија, до 18:30 часот излезеноста изнесува 77,8 отсто, што е историски највисока досега. Рекордот беше соборен уште при објавувањето на излезеноста до 17 часот до кога на гласање излегле 74,23 отсто од запишаните гласачи. Досегашниот рекорд е од изборите во 2002 година кога гласале 73,51 отсто.
Според Националната изборна канцеларија на Унгарија, излезеноста во главниот град Будимпешта до 18:30 часот изнесува 80,96 отсто.
Опозициската партија Тиса на Петер Маѓар високата излезеност ја толкува како позитивен знак за опозицијата. Маѓар, во текот на денот, ги повика гласачите да го дадат својот максимум и нагласи дека секој глас може да биде пресуден.
Актуелниот унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, порача дека големиот одѕив значи дека ниту еден патриот не смее да остане дома.
Клучни избори
Унгарците денеска гласаа на веројатно најклучните парламентарни избори во земјата. Битката се води помеѓу актуелниот премиер Виктор Орбан и лидерот на релативно младата центристичка партија Тиса, Петер Маѓар, кој, според анкетите, има шанси да го прати Орбан во опозиција.
Голем интерес за резултатот од изборите владее во Брисел, каде што многу колеги од земјите на Европската Унија го критикуваат Орбан, кој важи за пријател на рускиот претседател Владимир Путин и близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, поради забелешките за ерозија на унгарското демократско владеење, слободата на медиумите и правата на малцинствата.
На денешните избори право на глас имаа околу осум милиони граѓани кои треба да изберат свои претставници во парламентот кој брои 199 пратенички места. Регуларноста на изборите на терен ја следеа исклучително голем број меѓународни набљудувачи. Доцна вечерва треба да бидат објавени првичните резултати.
