Овој број е сличен како и минатата година во првиот уписен рок, што според министерот за образование Јетон Шаќири е потврда дека процесот е функционален, а онаму каде што имало проблеми при аплицирањето, учениците и родителите добивале поддршка од Секторот за средно образование
По затворањето на електронскиот систем за упис во средните училишта, утре и задутре – 16 и 17 јуни, училишните комисии ќе вршат проверка на идентичноста на податоците од пристигнатите апликации со доставените документи, а в сабота, на 18 јуни, ќе бидат објавени конечните ранг-листи на огласните табли на училиштата и на веб-страницата на МОН

До денеска во 14 часот – еден час пред завршувањето на електронското аплицирање за упис во средно образование за учебната 2022/2023 година, до Министерството за образование и наука (МОН) стигнале вкупно 14 илјади апликации од ученици, соопшти ресорниот министер Јетон Шаќири.
Овој број е сличен како и минатата година во првиот уписен рок, што според Шаќири, е потврда дека процесот е функционален, а онаму каде што имало проблеми при аплицирањето, учениците и родителите добивале поддршка од Секторот за средно образование.
Услугата за електронско аплицирање МОН ја воведе оваа година, а министерот Шаќири истакна дека новиот начин на уписи резултирал со, како што рече, евидентно релаксиран процес за разлика од минатите години.
„Согласно поените од успехот во основното образование, учениците имаат можност да изберат училиште и вид на образование и за сето тоа им беа потребни не повеќе од 5 до 10 минути за аплицирање. На овој начин ги намаливме гужвите во средните училишта за пријавување, со што се минимизира неизвесноста и нервозата од исходот на уписите. Исто така, ја зголемивме транспарентноста и ја намаливме улогата на човечкиот фактор“,
рече Шаќири.
По затворањето на електронскиот систем за упис во средните училишта, утре и задутре – 16 и 17 јуни, училишните комисии ќе вршат проверка на идентичноста на податоците од пристигнатите апликации со доставените документи, а в сабота, на 18 јуни, ќе бидат објавени конечните ранг-листи на огласните табли на училиштата и на веб-страницата на МОН (mon.gov.mk).
Меѓу другото, Шаќири соопшти дека идната година новина ќе биде и надградбата на Е-дневникот со побрзи сервери за полесна функционалност, мобилна апликација за Е-дневникот и подобра комуникација во реално време со родителите, воведување електронско свидетелство, а ќе се работи и на автоматско аплицирање на матурантите за упис на универзитетите. Исто така, рече Шаќири, се планира целосна електронска евиденција на сите студенти на универзитетите.