Како што информираат од Јавното обвинителство, вчера, при извршен претрес пред започнување на ноќна смена на работа, кај осомничениот била пронајдена наркотичната дрога марихуана во количина од 73 грама и бела прашкаста материја кокаин во количина од 50 грама

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донел Наредба за спроведување истражна постапка против еден затворски полицаец поради основано сомневање дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.
Како што информираат од Јавното обвинителство, вчера, при извршен претрес пред започнување на ноќна смена на работа, кај осомничениот била пронајдена наркотичната дрога марихуана во количина од 73 грама и бела прашкаста материја кокаин во количина од 50 грама.
„Дрогата спакувана во форма и големина на две тениски топчиња осомничениот ја држел кај себе, скриена во долен веш, а со цел истата да ја продаде на осудени лица во КПУ-КПД ‘Идризово’. Согледувајќи ги околностите што укажуваат на опасност од бегство доколку осомничениот се брани од слобода, како и дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и дека реално постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, предметниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот“,
соопштија од Јавното обвинителство.
Оттаму посочуват дека ова е трет случај во кој затворски полицаец е фатен во извршување на истото кривично дело.
„Во двата случаи станува збор за еден затворски полицаец од КПУ Затвор – Скопје, правосилно осуден на казна затвор од 3 години, кој беше фатен со 7,65 грама марихуана и 0,96 грама кокаин. Во третиот случај станува збор за затворски полицаец од КПУ-КПД – Битола осуден на 6 месеци кај кого беа пронајдени 1,90 грама кокаин, а кој предмет е во жалбена постапка“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.