Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека по доставеното решение на Кривичниот совет од надлежната полициска станица добиле известување дека осомничениот е веќе спроведен во Затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари
Осомничениот за вербалниот и физички напад на скопската градоначалничка Данела Арсовска од куќен е префрлен во затворски притвор. Ова доаѓа откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје против решението на судијата на претходна постапка кој на осомничениот С.Љ. првично му одреди куќен притвор иако од Обвинителството бараа неговото присуство да биде обезбедено со ефективен затворски притвор.

„Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Скопје поднесена против решение на судија на претходна постапка од 12.07.2025 година, ценејќи ги наводите во жалбата како и одговорот на жалба, донесе решени со кое жалбата е основана и мерката куќен притвор за осомничениот С.Љ. ја замени со мерка притвор“,
соопштија попладнево од скопскиот Основен кривичен суд.
Постапувајќи по жалбата на Обвинителството, Кривичниот совет на Судот оценил дека во конкретниот случај постојат околности дека осомничениот може да побегне или да го повтори делото поради што му определена мерката притвор во скратена постапка.
За појаснување, Обвинителството го води случајот за нападот по скратена постапка поради што мерката притвор против осомничениот е во траење од осум дена. Притворот, како што појаснија од Основниот кривичен суд Скопје за „360 степени“, важи од 12 јули и во него се пресметани, односно влегуваат и трите дена што осомничениот ги помина во куќен притвор.
Од Судот велат дека по доставеното решение на Кривичниот совет од надлежната полициска станица добиле известување дека осомничениот е веќе спроведен во Затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари.
Инаку, за нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој се случи на во петокот на 11 јули, осомничени се две лица со идентични иницијали С.Љ.
Обвинителството за двајцата отвори постапка во која ги товари за кривичното дело насилство.
За првоосомничениот скопското обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје предложи мерка притвор, додека за второосомничениот се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со Арсовска и другите оштетени, забрана за напуштање на домот, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено лице во Судот.
Судијата на претходна постапка го прифати предлог на Обвинителството за мерки за претпазливост за второосомниченото лице, но на првоосомничениот му определи куќен притвор поради што надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на овој дел од решението на судијата.
Во соопштението за поведената постапка од Обвинителството изнесоа и детали за настанот. Според ОЈО Скопје, првоосомничениот се заканувал и физички ја нападнал Арсовска додека таа и вработените во службите на Градот по претходна пријава биле на вонреден надзор на дивоизграден објект на улица „Севастополска” во Чаир.
„Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“,
велат од Обвинителството.

По инцидентот во скопски Чаир, Министерството за внатрешни работи (МВР) во саботата информира дека е одобрено 24-часовно обезбедување за скопската градоначалничка Данела Арсовска, а ваквата одлука, како што наведоа оттаму, била донесена врз основа на безбедносната проценка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).