Второобвинетиот во случајот, Бранко Билбиловски, е осуден на парична казна и треба да плати сто дневни глоби со вредност од 10 евра по глоба или вкупно 1 000 евра
Основниот кривичен суд Скопје денеска ги прогласи Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за виновни за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари годинава како последица од нанесените повреди.

Судот на Крстевски му одреди казна затвор од три месеци, додека Билбиловски е санкциониран парично, односно треба да плати сто дневни глоби со вредност од 10 евра по глоба или вкупен износ од 1 000 евра, пренесе МИА.
Делото, според обвинителниот акт, сега осудените го сториле на 19 ноември минатата година. Тогаш Крстевски, без оправдана причина, користејќи тврд предмет налик на стап, повеќепати го удрил кучето во пределот на главата, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми.
Потоа заедно со Билбиловски го врзале кучето со жица и влечејќи го го фрлиле во контејнер, мислејќи дека животното е мртво.
Кучето Феликс почина на 7 јануари во Јавното претпријатие „Лајка“ каде што вработените се обидоа да го спасат од сериозните повреди на главата, но не успеаја.
Обвинителството по девет дена, односно на 16 јануари, соопшти дека е поднесено обвинение против двајцата осомничени за случајот.
Делото за кое се товареа Крстевски и Билбиловски беше квалификувано според членот 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години.
„Тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“,
се вели во ставот 1 од членот 233 на Кривичниот законик.
Судскиот процес за овој случај го водеше судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Зоран Здравев.
Случајот со бруталното насилство врз уличното куче предизвика жестоки реакции во јавноста откако се појави вознемирувачка видеоснимка од грозоморниот кој се случи во кругот на фирма во Момин Поток.
Здруженијата за заштита на животни, граѓани и активисти во неколку наврати одржаа протести од кои побараа најстроги казни за обвинетите за убиството на Феликс.
Дел од протестните собири се одржаа пред Основниот кривичен суд Скопје каде што се одржуваа рочиштата за овој случај.
Од „Анима мунди“ кон крајот на февруари поднесоа иницијатива за измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои би се внеле нови квалификувани форми на кривично дело мачење животни, како и зголемување на казните.