Инспекторите издале решенија за времена забрана на дејноста додека не се исполнат сите законски услови, на угостителите им се изречени казни во износ од по 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за пријавување во Агенцијата како оператори со храна

Поради неисполнување хигиенски стандарди, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) времено затвори девет новогодишни куќарки лоцирани во градската чаршија во Струга.
При вонредниот инспекциски надзор спроведен на 22 декември, инспекторите утврдиле дека објектите воопшто не ги исполнуваат основните услови за подготовка и продажба на храна.
Контролата покажала дека куќарките не биле поврзани на градската водоводна мрежа, не била спроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) и лицата што ракувале со храна немале извршено задолжителни здравствено-санитарни прегледи.
Исто така, било констатирано дека не се почитувале ниту правилата за добра производствена и добра хигиенска пракса.
За утврдените прекршоци, инспекцијата има изречено казни. Инспекторите издале решенија за времена забрана на дејноста додека не се исполнат сите законски услови, на угостителите им се изречени казни во износ од по 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за пријавување во Агенцијата како оператори со храна.
„Решенијата за времена забрана за вршење дејност ќе останат во сила до исполнување на потребните услови за работа“,
велат од АХВ.
