Една од двете централни кујни на кумановската градинка „Ангел Шајче“ е затворена утринава, откако 30-ина деца за време на викендот биле примени во болница со симптоми на труење. Директорката на градинката, Марина Алексовска, за „360 степени“ вели дека утринава биле земени мостри и чекаат резултати од надлежните институции, кои со сигурност треба да утврдат дали станува збор за труење со храна од градинката.
„Во петокот, две деца пред ручекот имаа покачена температура и ги повикавме родителите да си ги земат децата. Синоќа кога разбрав дека и други деца биле во болница со слични симптоми, ги информирав Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна. Тие беа на терен, започнаа со епидемиолошки истражувања и земаа брисови од сите три објекти, па ќе видиме што ќе покажат резултатите“,
вели Алексовска.
Градинката денеска е отворена за згрижување деца, но храната е обезбедена од другата централна кујна, која ги снабдува објектите каде немало деца со симптоми на труење. Освен децата, никој од воспитниот кадар не се пожалил да слични здравствени проблеми, додава Алексовска.
Од кумановската болница соопштија дека за време на викендот децата кои се појавиле со грчеви во стомакот, повраќање, дијареја и покачена температура, биле прегледани и пуштени на домашно лекување со соодветна терапија, освен три од нив кои ги задржале на детското одделение.
Според првичните податоци, од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека кујната, која е централна и во која се подготвуваат 350 оброци дневно за дополнителни два објекти е затворена, а ќе бидат забранети за употреба и занималните од групите во кои се регистрирани децата со симптоми.
„Во кујната и помошните простории е утврдена фактичката состојба во однос на хигиената на просторот, опремата извршена е дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведени се санитарни прегледи на вработените, земени се седум брисови од површини и вработен. Во тек се вонредни инспекциски надзори во останати два објекти каде се дистрибуирала храната од оваа кујна и има пријавени деца со симптоми на труење со храна“,
соопштија од ДСЗИ.