Белгиската министерка за внатрешни работи Анелизе Верлинден вели дека автоматската пушка пронајдена во близина на лицето кое било застрелано е истото оружје што било употребено во нападот во понеделникот во кој загинаа двајца Швеѓани

Бриселската полиција застрела едно лице за кое се смета дека е напаѓачот од синоќешниот вооружен напад во Брисел во кој загинаа двајца шведски државјани.
Белгиската министерка за внатрешни работи Анелизе Верлинден рече дека напаѓачот во понеделникот вечерта бил виден во кафуле во близина на зградата каде што полицијата трагала по убиецот.
Кога пристигнала полицијата, дошло до престрелка, при што било пукано во еден маж, а наводно едно или повеќе лица биле повредени.
Верлинден рече дека автоматската пушка пронајдена во близина на лицето кое било застрелано е истото оружје што било употребено во нападот во понеделникот во кој загинаа двајца Швеѓани.
Веднаш потоа белгиските медиуми и локалните власти рекоа дека во престрелката никој не е повреден и дека само терористот е застрелан.
Белгискиот РТЛ, пак, пишува дека здравствената состојба на застреланиот терорист е критична. Според информациите што ги добиле, тој веќе двапати имал инфаркт, но секој пат го реанимирале и го враќале во живот.
Белгискиот премиер Александар де Кро претходно изјави дека осомничениот е маж со туниско потекло кој илегално живеел во Белгија.
Во објавата на социјалната мрежа белгискиот премиер додава дека како блиски партнери, Белгија и Шведска имаат заеднички заложби и борби против тероризмот.
Вооружениот напад вчера се случи непосредно пред фудбалскиот натпревар Белгија-Шведска.