Владата ги осудува изјавите на бугарскиот министер за одбрана кој се заложи за демонтирање споменици во земјава на кои стои „бугарски фашистички окупатори“
Засега нема нешто такво, ако има ќе информираме, изјави, на денешната прес-конференција новиот портпарол на Владата, Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува да испрати протестна нота до Бугарија за последната изјава на тамошниот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека може да испрати инженерски полк во земјава за да ги демонтира сите споменици на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“.
Во врска со настапот на Каракачанов, Арсовски се повика на денешната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која рече дека вакви настапи на министри за одбрана од регионот не ѝ доликуваат на земја членка на НАТО.
„Вакви изјави се недостојни и недолични. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија. Треба да се разграничи тоа што е работа на политичарите од работата на Мешовитата комисија за историски прашања“,
изјави Арсовски.