„Бројките се очекувани за овој период од годината. Иако имаме раст од неколку недели порано од очекуваното, сепак сме во средно ниво на активност на вирусот. Тоа засега не дава можност да даваме или да воведуваме претерани мерки, како, на пример, продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има каква било промена, ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки“, вели епидемиолог од ИЈЗ
Од 5 до 11 јануари се регистрирани 2 322 заболени од грип, што е 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела, изјави денеска д-р Драган Кочишки, раководител на Одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), додавајќи дека на национално ниво вирусот има средна активност.

Иако има зголемен број заболени, додаде, тоа е очекувано за овој период од годината. Најголем број од заболените (1 378) се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца има кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години.
„Бројките се очекувани за овој период од годината. Иако имаме раст од неколку недели порано од очекуваното, сепак сме во средно ниво на активност на вирусот. Тоа засега не дава можност да даваме или да воведуваме претерани мерки, како, на пример, продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има каква било промена, ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки“,
рече тој.
Според него, се забележува дека има зголемување на хоспитализирани и кај возрасните и кај децата.
„Тоа е очекувано за овој период. Секако не се целосно исполнети капацитетите на болниците“,
кажа докторот.
Посочи дека Комисијата за заразни болести вчера заседавала и дека се очекува да излезе со соодветни препораки.
Осврнувајќи се на општите мерки за заштита од грип, рече дека треба да се избегнува престој во простории со голем број луѓе, особено ако меѓу нив има такви со симптоми на респираторно заболување, кашлање, кивање или температура.
„Да се проветруваат простории, да се затоплуваат, да се носи слоевита облека, да се консумираат витамини за подобрување на имунитетот. При заболување од грип, треба да се остане дома, а децата што имаат симптоми на акутно респираторно заболување не треба да се носат во градинка и училиште. Ако симптомите се влошуваат, децата треба да се однесат на матичен лекар за медицинска помош“,
вели д-р Кочишки.
Најголем број или 556 заболени од грип има во Скопје, а потоа следуваат Тетово со 308, Куманово со 266 и Охрид со 202 заболени. Само во Берово, Делчево и Пехчево нема регистрирани случаи на грип.
Според д-р Кочишки, во текот на втората недела од почетокот на годината е регистриран еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за 75-годишна жена, која пред четири дена почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а кај која лабораториски бил потврден грип од типот А.
До лабораторијата на ИЈЗ во текот на втората недела се пристигнати 99 материјали за анализа, од кои 26 се позитивни за присуство на грип, седум случаи се со респираторен синцициски вирус и еден е случај на ковид-19.
Од почетокот на октомври до 11 јануари има 6 147 заболени од грип. Споредено со истиот период лани, има зголемување на бројот за 2,6 пати. Во земјава доминира грип од типот АХ3.
