Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека главните цели на операцијата се јасно дефинирани на почетокот на воената кампања, како уништување на иранската морнарица, програмата за балистички ракети и нуклеарната програма, но и спречување на Иран да продолжи да ги поддржува сојузничките вооружени сили во регионот
Белата куќа соопшти дека испраќањето американски војници на територијата на Иран во моментов не е дел од тековниот план за воена операција.

„Тоа во моментов не е дел од планот за оваа операција. Но, секако дека нема превентивно да ги исклучам воените опции во име на претседателот на Соединетите Американски Држави и врховниот командант, а не е мудро ниту тој да го стори тоа“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Изјавата доаѓа откако претседателот на Здружениот штаб на американската армија, генерал Ден Кејн, претходно изјави дека САД ќе почнат да извршуваат напади сè подлабоко на иранска територија.
Во исто време американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди дека воените операции против Иран сè уште се во рана фаза.
Според Белата куќа, промената на режимот во Иран не е главната цел, иако таков исход би бил добредојден.
Портпаролката изјави дека главните целите на операцијата се јасно дефинирани на почетокот на воената кампања, како уништување на иранската морнарица, програмата за балистички ракети и нуклеарната програма, но и спречување на Иран да продолжи да ги поддржува своите сојузнички вооружени сили во регионот.
Елиминирањето на иранските лидери, рече таа, не е меѓу четирите главни цели на операцијата, иако таков развој би бил позитивен за САД.
„Секако дека не сакаме Иран да го води нечесен терористички режим“,
рече Ливит.
Посочи и дека САД имаат повеќе од доволно оружје за водење долготрајна војна со Иран.
„Соединетите Американски Држави имаат повеќе од доволно капацитети за успешно спроведување на операцијата ‘Епски бес‘, но и за да одат многу подалеку. Имаме резерви на оружје на места за кои многу луѓе во светот дури и не знаат“,
кажа таа.
Нејзината изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно изрази незадоволство од нивото на резервите на оружје на САД.
Инаку, в петок треба да се состанат лидерите на американските одбранбени компании во Белата куќа.
Ливит ги отфрли обвинувањата за вмешаност на САД во нападот врз училиште во Иран во кој загинаа 175 лица и додаде дека американската војска не таргетира цивили и дека случајот е под истрага.
