Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од конго-кримска хеморагична треска – болест која се пренесува со каснување од крлеж
Двајцата пациенти кои се заразени со конго-кримска хеморагична треска се во стабилна состојба и кај нив поминала најкритичната фаза на болеста, па затоа здравствените работници не очекуваат влошување на нивната состојба. Во моментот, нема други суспектни случаи, ниту, пак, болеста е потврдена кај некој од контактите на заразените лица. Од Министерството за здравство апелираат да се почитуваат си превентивни мерки за заштита на граѓаните од оваа болест.
„По престој во природа направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите деца. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл.) Контролирајте ги домашните животни за присуство на крлежи. Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни. Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни“,
се наведува во препораките на Министерството за здравство.
Се апелира и избегнување близок физички контакт со лица заболени од ККХТ, да се носат ракавици и заштитна опрема при грижа за болните луѓе и редовно да се мијат рацете со вода и сапун по активностите за нега или посета на болните луѓе.