Не сите, туку пратениците што се заразени со ковид-19 и оние што имаат решенија за изолација да можат да си ги извршуваат своите обврски во Собранието онлајн.
Ваков е предлогот кој го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери за измени на Деловникот за работа, а за него досега официјално се изјаснија од СДСМ велејќи дека е прифатлив за нив.
„Предлогот е во насока на тоа што и ние го зборувавме во минатото. Во време на сериозни предизвици, на граѓаните им се потребни институции со целосни функционалност и капацитет. На граѓаните им е потребно Собрание кое ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности. Вакви примери на работа има низ целиот свет. Затоа ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност, да ги поддржат измените на Деловникот, за да може Собранието непречено да ја извршува својата работа и да им служи на граѓаните“,
изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Досега од ВМРО-ДПМНЕ генерално се противеа на онлајн-работа за пратеници велејќи дека тоа е спротивно на Уставот и Деловникот. Од опозициските партии ги прозиваа пратениците од власта дека на ваков начин сакаат да го прикријат тенкото мнозинство.
Претседателот на Собранието Талат Џафери официјално предлогот го поднесе вчера. Тој рече дека не знае кога би можеле ваквите измени на Деловникот да се најдат на дневен ред бидејќи сака прво да го слушне официјалното мислење на пратеничките групи.
Од неговиот кабинет вчера соопштија дека измените ги предлага за да се постигне непречено и функционално работење на парламентот поради новонастанатата состојба со ковид-19.