Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас, кажа шефицата на државата

Претседателка Гордана Сиљановска – Давкова денеска од централната манифестација по повод Илинден од Крушево порача дека време е за нова републиканска пролет. Според неа, време е за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
Додаде и дека Републиката постои заради општото добро, заради сите граѓани, без оглед на каква било припадност, за да ни овозможи да напредуваме врз знаење, способност и труд, а не врз основа на статусни привилегии и врски.
„Време е за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени. Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“,
порача Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се и на пожарите кои изминатиов период ја зафатија државава, претседателката порача и дека за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, за чие воспоставување се во тек активности.
За неа нема дилема дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка, но посочи и дека легитимно прашање е дали и колку денешнава Европска Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи.
„Неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно!“,
кажа Сиљановска-Давкова.

Шефицата на државата порача и дека ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, придонеле за егзодусот.
„Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас“,
додаде таа.
Македонија денеска слави 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 години од Првото заседание на АСНОМ.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
- Жртвата на предците нека нè потсетува каква држава треба ние да оставиме, кажа Мицкоски од Скопје
- Овој ден нека биде поттик за меѓусебно разбирање за доброто на татковината, вели Гаши по повод Илинден
- Филипче од Крушево: Вистински патриотизам е унапредување на државата
- Албанците се за заедничка држава, сè друго е пропаганда – вели Ахмети