Државниот пазарен инспекторат најави дека ќе прави секојдневни контроли бидејќи претходните денови ги мониторирала цените за да утврдат евентуални неправилности
Од денеска започнува да важи мерката „Новогодишна кошничка“ со која до 15 јануари следната година околу илјада производи кои се дел од акциската листа треба да се продаваат по пониски цени за десет отсто. Во кошничката се вклучени повеќе видови производи, а тие на полиците во продавниците и маркетите треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, информираат од Владата.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најави дека ќе прави редовни контроли откако претходниве денови инспекторите ги мониторирале цените за да утврдат евентуални неправилности. Со оваа мерка од Владата велат дека очекувањата се дека ќе се заштити домашниот буџет во услови на зголемени цени на прехранбените производи.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески рече дека граѓаните ќе ги поминат новогодишните празници со поголема заштеда во домашниот буџет и оти во кошничката се изоставени одредени производи како шеќерот, какаото, кафето и маслото за да не им се направат големи штети на компаниите.
„Овие производи не ги ставивме во мерката зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите кои зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании кои и на овие изземени производи дадоа одредени попусти“,
кажа заменик-министерот.
Од опозициската СДСМ денеска обвинија дека мерката е манипулативна бидејќи трговците веќе ги зголемиле цените и оти Владата намерно оставила простор за тоа да се случи. Велат, сега наместо вистинско намалување на цените, трговците само ќе ги вратат на нивото на кое тие биле што, пак, значи дека нема да има реално намалување и оти граѓаните нема да добијат никаков бенефит.
„Станува збор за договорени цени за кои владата сама кажува дека нема да има казни доколку некој од трговците не ги почитува. Што значи оставен е простор тие сами да ги одредуваат цените врз грбот на народот. Инфлацијата во месец ноември достигна 4,3%, а трошоците за живот според последните податоци на Државниот завод за статистика бележат раст од 3,5%“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат и дека додека цените на производите растат, стандардот опаѓа и оти Владата наместо да преземе одговорност и да се справи со кризата на вистински начин се занимава со манипулации со кои се штитат трговците.
„СДСМ бара итни и системски мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, меѓу кои и укинување на ДДВ на храна со што вистински ќе се намалат цените на долг рок и зголемување на минималната плата. Преку намалување на ДДВ и ќе се олесни финансискиот товар на семејствата до 2.000 денари месечно или околу 24.000 денари годишно“,
велат од СДСМ.