Во петокот, Собранието на Црна Гора ја разреши владата на Здравко Кривокапиќ
Прелиминарните консултации меѓу партиите од парламентарното мнозинство за формирање на новата црногорска влада веќе се започнати, а првите официјални разговори ќе следат во наредните денови, изјави за подгорички „Вијести“ генералниот секретар на Граѓанското движење УРА Милета Радованиќ.
Како што најави, ќе се разговара со Алијансата на граѓани ЦИВИС, Социјалистичката народна партија (СНП), малцинските партии, но и со претставници на Демократскиот фронт (ДФ) и Демократска Црна Гора.
Во петокот, Собранието на Црна Гора ја разреши владата на Здравко Кривокапиќ.
За разрешување гласаа 43 пратеници на опозицијата и владејачката коалиција „Црно на бело“ (ГП УРА и ЦИВИС), а против 11 пратеници на демократите, Права и Обединета Црна Гора.
Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро Хернандез изјави за Радио Телевизија на Црна Гора дека Европската комисија е уверена дека новата црногорска влада ќе биде формирана без непотребно одлагање.
Европската комисија ги повика сите политички партии да се фокусираат и да работат заедно за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, во конструктивен дух и во интерес на црногорските граѓани.
„Европската унија очекува секоја влада во Црна Гора да одговори на очекувањата на граѓаните за напредок во процесот на пристапување во ЕУ“,
нагласи Писонеро.