Со проширувањето, аеродромот „Св. Апостол Павле“ ќе добие 4 500 квадратни метри функционален простор, а очекувањата се дека реконструкцијата ќе заврши до јули годинава
На свечена церемонија, денеска официјално беше означен почетокот на градежните работи за реконструкција и проширување на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Проектот, кој треба да му даде целосно нов лик на аеродромот пред почетокот на главната туристичка сезона, предвидува обезбедување на 4 500 квадратни метри функционален простор, а целта е да се понуди поудобно и поефикасно искуство за патниците, но и подобри услови за работа на аеродромскиот персонал, полицијата и царината.

Премиерот Христијан Мицкоски го оцени овој момент како историски за Охрид, охридското крајбрежје и околните општини, и кажа оти со зафатот значително се зголемуваат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Тој презентираше податоци според кои се забележува раст на авиосообраќајот во државата и рече оти очекувањата се дека годинава, голем број на тур-оператори ќе го зголемат бројот на донесени туристи во овој предел, односно говореше за бројка од половина милион ноќевања надвор од туристичката сезона.
„Во првите два месеца од годинава на скоспкиот аеродром има 30 отсто зголемување на бројот на патници, а на охридскиот за околу 20 отсто. Годинава очекуваме двоцифрен раст на патници на двата аеродрома“,
рече Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека ова е прва сериозна реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром од неговата изградба и појасни дека новите 4 500 квадратни метри значат дополнителни 2 500 квадрати во однос на постојниот простор. Иако првичните најави се дека градежните работи треба да завршат до крајот на мај, Николоски изрази надеж дека во јули ќе се одржи свеченото отворање.
„Целта е веќе следната година двата македонски аеродроми да достигнат над четири милиони патници, што би претставувало значителен раст на воздушниот сообраќај“,
рече Николоски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, гарантираше дека во текот на градежните активности функционалното работење на аеродромот нема да биде нарушено и дека летовите ќе се одвиваат тековно.
Тој кажа и дека компанијата инвестира 2,7 милиони евра во неколку клучни подобрувања на инфраструктурата, како на пример проширување на оперативниот капацитет на патничкиот терминал и на шалтерите за регистрација, како и зголемување на зоната за безбедносна контрола. Дополнително, плановите предвидуваат и проширување на административната зграда, отворање на нов ресторан, а предвидени се и нови канцеларии за Граничната полиција и Царинската управа, заедно со нов паркинг простор за вработените.
