Вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук ја предупреди Русија дека не смее да го користи договорот за прекин на огнот за воено напредување на теренот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави нова видеопорака во која вели дека оние кои треба да ги напуштат градовите кои се во „тешка ситуација“ сега можат да го сторат тоа преку хуманитарни коридори, но оние кои можат да се борат нека останат
Започна евакуацијата од двата украински града Мариупол и Волноваха за кои се направени хуманитарни коридори.
Заменик-градоначалникот на Мариупол, Сергеји Орлов, за Би-би-си денеска изјави дека преговорите за привремен прекин на огнот со цел да се евакуираат цивилите од Мариупол траеле цела ноќ, а дека од утринава почнале да се спроведуваат.
„Организиравме 50 автобуси, со кои мислиме дека може да се превезат до шест илјади лица до Запорожје. Луѓето можат да одат и со свои автомобили. Сметаме дека ако се почитува примирјето, до девет илјади луѓе можат да излезат од градот“,
рече Орлов.

Но тој тврди дека прекинот на огнот не се одржува и дека Мариупол сè уште е под гранатирање.
„Русите продолжуваат да не бомбардираат и да користат артилерија. Нема прекин на огнот во Мариупол и нема прекин на огнот по целата рута. Нашите цивили се подготвени да избегаат, но не можат да избегаат под гранатирање“,
тврди Орлов.
Вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук ја предупреди Русија дека не смее да го користи договорот за прекин на огнот за воено напредување на теренот.

Таа рече дека украинската влада ги „проверува информациите“ дека руските сили го користат прекинот на огнот за да се доближат до позициите на украинската армија во областите долж рутата за евакуација.
„Ги користиме овие рути за евакуација на цивили, жени и деца, но и доставуваме хуманитарна помош до оние што останаа. Целиот свет гледа“,
рече таа.
Таа потврди дека Меѓународниот Црвен крст учествувал во разговорите за прекин на огнот и дека возилата на Црвениот крст ќе бидат на чело на колоните за евакуација по договорените рути од градовите Мариупол и Волноваха.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави нова видеопорака во која вели дека оние кои треба да ги напуштат градовите кои се во „тешка ситуација“ сега можат да го сторат тоа преку хуманитарни коридори, но оние кои можат да се борат нека останат.

„Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници“,
рече Зеленски.
Тој кажа дека ноќеска разговарал со претседателите на Франција и Полска и дека такви разговори има секој ден, а интеракцијата е постојана.
Исто така упати и порака на охрабрување до своите сограѓани истакнувајќи дека брбата продолжува и дека наскоро сите што ја напуштија државата ќе може да се вратат.
„Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да им кажеме на нашите луѓе: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други земји. Вратете се затоа што веќе нема закана“,
изјави Зеленски во своето видеообраќање од вообичаеното место, со што ги демантира шпекулациите од руската страна дека ја напуштил Украина.