Во едното возило имало 13 кутии со филтри за цигари, 129 штеки разновидни цигари, 14,5 килограми дробен тутун, машинки за полнење цигари и СИМ-картички, а во другиот автомобил – 58 штеки разновидни цигари, 12,5 килограми дробен тутун, машинки за правење цигари, СИМ-картички, табакери и 19 кутии со филтри за цигари
Двајца тетовци се лишени од слобода, откако полицијата откри поголема количина цигари без бандероли и дробен тутун, при контрола на возилата со кои управувале. Како што соопшти МВР, околу пет часот утринава полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции ги лишиле од слобода Б. З. (65) и И. Р. (67), двајцата од Тетово.
„При контрола на патничко возило ‘фолксваген голф’ со тетовски регистарски таблички, кое го управувал Б. З., биле пронајдени и одземени 13 кутии со филтри за цигари, 129 штеки разновидни цигари, 14,5 килограми дробен тутун, машинки за полнење на цигари и СИМ-картички. Додека, пак при контрола на патничко возило ‘фолксваген голф’ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И. Р., биле пронајдени и одземени 58 штеки разновидни цигари, 12,5 килограми дробен тутун, машинки за правење цигари, СИМ-картички, табакери и 19 кутии со филтри за цигари“,
велат од МВР.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, велат од Министерството за внатрешни работи.
