Кокаинот бил скриен во камион полн со пакети со банани, кои биле спакувани со различни логоа, подготвени да бидат транспортирани до пристаниште

Три тони кокаин, во вредност од околу 90 милиони долари, се запленети во Еквадор. Тамошните власти велат дека запленетата дрога ѝ припаѓала на албанската мафија, која е поврзана со колумбиските и мексиканските нарко-картели.
Дрогата била откриена пред два дена на фарма во југозападниот град Гвајакил.
Кокаинот бил скриен во камион полн со пакети со банани, кои биле спакувани со различни логоа, подготвени да бидат транспортирани до пристаниште.
Во полициската акција се уапсени пет лица.
Според еквадорските власти, оваа операција е голем удар врз албанската мафија.
Инаку, најголемата заплена на кокаин во историјата се случи за време на операцијата „Орион“, која беше мултинационална мисија предводена од колумбиските власти кон крајот на 2023 година.
Во период од шест недели, органите за спроведување на законот од 62 земји пресретнаа неверојатни 225 тони кокаин заедно со 1 400 тони други дроги, а резултатот беше 400 апсења.