Прашана за позицијата на државава во ситуацијата со Гренланд, наведе дека „за малите држави се вели дека се внимателни, дека се тивки, дека не реагираат први и брзо и дека секогаш се повикуваат на правото, правдата и на инстуитуциите“

Нема промени во односите со САД и покрај американската одлука привремено да се запре издавањето иселенички визи за македонските граѓани, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вечерашното гостување на телевизија Сител. Таа не ја гледа одлуката како насочена против земјава, бидејќи со неа се опфатени 75 држави, меѓу кои и неколку од соседството.
„Тоа е американска национална политика и веројатно САД не изолираа 75 земји“,
рече вечерва Сиљановска-Давкова.
Претседателката додаде дека мерката и била очекувана поради рестриктивната политика кон имиграцијата.
„Логично е дека ако го направите тој прв чекор, вие сега ќе гледате и во оние кои можеби доаѓаат по легален пат, но не се студенти или не се на определени служби, туку доаѓаат на друг начин, а потоа преку продлжување на престојот или, пак, преку некои други патишта се обидуваат да остануваат, да останат таму. Впрочем не сме ние осамени. За мене тоа на некој начин само од еден аспект, можеби од безбедносен ме заплашува. Зошто? Бидејќи ако ја имате во истиот круг и Црна Гора, БиХ, Албанија и нас, треба да размислиме, бидејќи САД исто така во ова време невреме гледаат и безбедносните закани целосно да ги анулираат. А дека е ова посебна мерка кон нас мислам дека апсолутно не држи“, додаде Сиљановска-Давкова.
Прашана за позицијата на државава во ситуацијата со Гренланд, наведе дека „за малите држави се вели дека се внимателни, дека се тивки, дека не реагираат први и брзо и дека секогаш се повикуваат на правото, правдата и на инстуитуциите“.
Како што објасни претседателката, Македонија е стратешки партнер со САД, затоа по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година добила таква понуда и било симболички важно да се прифати. Таа потсети дека претходниот ден, тогашниот американски претседател најавил дека Македонија ќе стане членка на НАТО, но тоа не се случило поради европските актери. Сиљановска-Давкова додаде и дека земјава има стопроцентна заедничка надворешна и безбедносна политика со Европската Унија, по што е прва во регионот.
„Истите проблеми, истите дилеми што ги имаат сите тие, и оние што седат на состаноците, а и оние што имаат забелешки на она што се случува, но и на генезата што доведе до можеби до најсуровата реалност, од не знам кога не сме имале вакво нешто, бидејќи очигледно се работи за враќање на Монровата доктрина, се зборува за стратешка, за арктичка ама и енергетска супериорност, и тогаш работите не се решаваат така како што ние малите држави ги решаваме. И јас ги пратам сцените. Не можам да ви кажам во моментов што ќе направиме бидејќи прашањето што се поставуваше се однесуваше претходно на Венецуела, таму имаше и еден друг ореол од којшто тргнуваме. Ситуацијата е многу поинаква затоа што таму и веќе има НАТО“,
рече Сиљановска-Давкова.
Европското пријателство, појасни, е важно затоа што земјата има заедничка надворешна и безбедносна политика и се наоѓа во Европа.
„Тоа е нашата татковина, не можеме да бидеме виртуелна 51. членка на Американската федерација, ниту, пак, некој ќе ни понуди такво нешто“,
рече претседателката.
За суспендирањето на иселеничките визи од САД за 75 држави, меѓу кои и Македонија, премиерот Христијан Мицкоски денеска се надоврза на коментарот даден од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дека одлуката е поврзана со имигрантски визи, а не за визи што се за потребите на студирање или за туристички посети.
Тој додаде дека во наредните денови за македонските граѓани ќе има добри вести од нашиот стратешки партнер САД.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера соопшти дека Скопје е во комуникација со Вашингтон по последната одлука на американскиот Стејт департмент да ја стави Македонија на листата на земји за кои го суспендира издавањето имигрантски визи.
Уверува дека ќе се најде соодветно решение за визите.
