Правилата за војна, или меѓународното хуманитарно право (како што е формално познато) се збир на меѓународни правила кои одредуваат што може и што не може да се направи за време на вооружен конфликт. Тие се содржани во договорите наречени Женевски конвенции и низа други меѓународни закони и договори
Сенатот на САД пред два дена едногласно усвои резолуција со која рускиот претседател Владимир Путин се прогласува за воен злосторник.
Со Резолуцијата поднесена од републиканскиот сенатор Линдзи Греам и поддржана од сенаторите на двете страни, се охрабрува Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг и другите земји да ја земат за цел руската војска во секоја истрага за воени злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера, зборувајќи за војната во Украина, за првпат го нарече рускиот претседател Владимир Путин „воен злосторник“.
Денеска министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас, изјави дека постојат многу силни докази дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник.
Претходно и украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Борис Џонсон ја обвинија Русија за воени злосторства за инвазијата на Украина.
И војната има правила
Можеби изгледа нелогично, но „и војната има правила“, велат од Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Правилата за војна, или меѓународното хуманитарно право (како што е формално познато) се збир на меѓународни правила кои одредуваат што може и што не може да се направи за време на вооружен конфликт.
Тие се содржани во договорите наречени Женевски конвенции и низа други меѓународни закони и договори.
Меѓу правилата за војна се дека цивилите не можат да бидат намерно нападнати – ниту инфраструктурата која е од витално значење за нивниот опстанок.
Некои оружја се забранети поради неселективно или ужасно страдање што го предизвикуваат – како што се противпешадиски нагазни мини и хемиско или биолошко оружје.
Главната цел на меѓународното хуманитарно право (МХП) е да се одржи одредена хуманост во вооружените конфликти, спасувајќи животи и намалувајќи го страдањето.
За да се постигне тоа, МХП регулира како се водат војните, балансирајќи два аспекта – слабеење на непријателот и ограничување на страдањето:
- Правилата на војната се универзални. Женевските конвенции (кои се основниот елемент на МХП) се ратификувани од сите 196 држави. Многу малку меѓународни договори имаат вакво ниво на поддршка;
- Секој што води војна треба да го почитува МХП, и владините сили и недржавните вооружени групи;
- Ако се прекршат правилата за војна, има последици. Воените злосторства се документирани и истражени од државите и меѓународните судови. Поединци можат да бидат кривично гонети за воени злосторства.
10 работи на кои повикуваат правилата на војување
Правилата за војна поставуваат граници на војната, нудејќи заштита на цивилите и параметри за тоа што е прифатливо, а што не на бојното поле и пошироко:
- Заштитете ги оние што не се борат, како што се цивилите, медицинскиот персонал или хуманитарните работници;
- Заштитете ги оние кои повеќе не се способни да се борат, како повреден војник или затвореник;
- Забрана за таргетирање цивили. Тоа е воено злосторство;
- Признајте го правото на цивилите да бидат заштитени од опасностите на војната и да ја добијат потребната помош. Мора да се води секоја можна грижа за да се избегне повреда на цивлите или на нивните куќи или уништување на нивните средства за преживување, како што се извори на вода, земјоделски култури, добиток итн;
- Болните и ранетите да имаат право да бидат згрижени, без разлика на чија страна се;
- Медицинските работници, медицинските возила и болниците посветени на хуманитарна работа не можат да бидат нападнати;
- Се забранува тортура и понижувачко постапување со затворениците;
- Притворениците мора да добиваат храна и вода и да им биде дозволено да комуницираат со своите најблиски;
- Ограничување на оружјето и тактиките што може да се користат во војна, за да се избегне непотребно страдање;
- Експлицитна забрана за силување или други форми на сексуално насилство во контекст на вооружен конфликт.