Функционерите, кои побарале да останат анонимни, рекле дека од околу 11 000 војници испратени од Северна Кореја, 4 000 биле жртви во битките. Бројката ги опфаќа убиените, ранетите, исчезнатите или заробените
Севернокорејските трупи, за само три месеци, веќе претрпеле речиси 40 проценти жртви во борбите во западниот руски регион Курск, изјавиле западни функционери за Би-би-си.
Функционерите, кои побарале да останат анонимни, рекле дека од околу 11 000 војници испратени од Северна Кореја, 4 000 биле жртви во битките.
Бројката ги опфаќа убиените, ранетите, исчезнатите или заробените. Од 4 000, изворите рекле дека околу 1 000 се верува дека биле убиени до средината на јануари.
Овие загуби, доколку бидат потврдени, се неодржливи од Севернокорејците, коментира Би-би-си.
Не е јасно каде се лекуваат ранетите, ниту, пак, кога и колку ќе бидат сменети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред десетина дена изјави дека Киев е подготвен да ги предаде заробените севернокорејски војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.
Зеленски рече дека може да има други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома и дека таа можност ќе им се даде на оние што изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик. Тој не ги појасни деталите.
Според украинските и западните проценки, околу 11 000 севернокорејски војници се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантира нивното присуство.
