Ангелов вели дека денеска е изгаснат пожарот што вчера беше под контрола, но повторно се разгоре во Општината Долнени, во атарот на селото Стровија
Словенечкиот тим од 61 пожарникар со 18 возила денеска си замина од државата, откако ја заврши својата мисија во гаснењето на пожарот на планината Готен од беровска страна, информира денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Утре си заминува и чешкиот хеликоптер „блек хок“ со седумчлена посада.

„Им се заблагодарив од име на македонската влада и македонските граѓани, а од име на ДЗС им доделив благодарници“,
рече Ангелов.

Според него, на територијата на државата во моментов нема активни пожари.
Посочи дека денеска е изгаснат пожарот што вчера беше под контрола, но повторно се разгоре во Општината Долнени, во атарот на селото Стровија.
„Рано утрово со полициски хеликоптер се исфрлени екипи на ’Национални шуми‘ со неколку доброволци ловци кои за неколку часа целосно го изгаснаа овој пожар, што имаше зафатено поголема површина со сува трева по гребенот на планината“,
кажа тој.
Екипите, како што вели Ангелов, сѐ уште се на местото на пожарот и вршат контрола доколку тој повторно се разгори.
Пожарот на планината Готеен е целосно изгаснат и од радовишка и од беровска страна.