Во оставката поднесена до премиерот, Лулзим Алиу наведува дека заминувањето од функцијата е одраз на неговата лична и професионална анализа, додавајќи дека во следниот период ќе се посвети на својата истражувачко-научна работа и на семејството
Заменик-министерот за образование Лулзим Алиу поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

За ова Алиу денеска информира преку објава на социјалните мрежи.
Во оставката поднесена до премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за образование наведува дека заминувањето од функцијата е одраз на неговата лична и професионална анализа и додава:
„Во овој период е најсоодветно да го продолжам својот придонес во академското поле, во мојата истражувачко-научна работа како и посветеност кон семејството. Посакувајќи ви натамошни успеси во работата на Владата, искрено ви благодарам за довербата и за можноста што ми беше укажана да служам на оваа одговорна позиција.“
Во фејсбук-објавата во која информира за поднесената оставка од заменик-министерската позиција, Алиу, кој доаѓа од редовите на Алтернатива, им заблагодари на актуелниот партиски претседател Беким Сали и на поранешните Африм Гаши и Зеќирија Ибрахими за укажаната доверба.
