Посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис е прва на грчки владин претставник по изборот на новата влада кај нас
Заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис попладнево ќе допатува во Скопје во дводневна работна посета на Северна Македонија и ќе одржи низа средби со министри од економскиот сектор, со заменик-министерката за надворешни работи, со вицепремиерите за економски и за европски прашања, како и со премиерот Димитар Ковачевски, јави МИА од Атина.
„На агендата се разговори за билатералните економски односи на двете земји и можностите за нивно проширување и зајакнување“,
соопштија од грчкото МНР во пресрет на посетата.
Според официјалната програма, заменик-шефот на грчката дипломатија попладне ќе се сретне со министерот за финансии на Северна Македонија и ќе ја посети Стопанска банка, каде што ќе има средби со раководството, додека во вечерните часови ќе присуствува на вечера во негова чест организирана од заменик-претседателите на Владата надлежни за економски и за европски прашања Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ.
Франкојанис утре ќе се сретне со заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, со заменик-претседателот на Владата надлежен за европски прашања Бојан Маричиќ, со министерот за економија Крешник Бектеши и со заменик-претседателот на Владата надлежен за економски прашања Фатмир Битиќи, а ќе биде примен и од премиерот Димитар Ковачевски.
Посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Грција задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис е прва на грчки владин претставник по изборот на новата влада кај нас.