Актуелниот Закон за нефер трговски практики предвидува максимална глоба од 20 000 евра, а според најавите, новите измени, кои ќе се најдат наскоро пред пратениците, ќе предвидуваат санкции кои „жестоко“ ќе ги погодат прекршителите

Првиот квартал од годинава ќе донесе законски измени со кои драстично ќе се зголемат казните за трговските ланци кои ги прекршуваат правилата за нефер тргување. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека државата нема да дозволи профит на сметка на осиромашувањето на граѓаните.
Актуелниот Закон за нефер трговски практики предвидува максимална глоба од 20 000 евра, а според најавите, новите измени, кои ќе се најдат наскоро пред пратениците, ќе предвидуваат санкции кои „жестоко“ ќе ги погодат прекршителите.
„Како Влада не сме љубители на репресивни мерки, но се обидувам да испратам порака до тие кои се однесуваат незрело, неодговорно и лакомо. На тој начин не може да се води бизнис – кога само едната страна добива, а граѓаните губат“,
изјави Мицкоски при денешната посетата на Сопиште каде беше отворена градинка.
Премиерот откри дека надлежните институции веќе внимателно ги документираат обидите на неколку големи маркети да ги видоизменат законските одредби.
Во однос на претходните сомнежи за картелско здружување на маркетите, премиерот појасни дека станува збор за случаи кои биле толерирани од претходната власт, но дека актуелниот состав веќе ги процесуира.
„Однесувањето на оваа Влада е да има порака на опомена. Гледаме дека тие два-три ланци на маркети не се корегираат и ако не можат да ја препознаат пораката и главен интерес им е профитот на сметка на граѓаните, тогаш како Влада немаме други опции за да ги заштитиме граѓаните“,
рече Мицкоски.
Мицкоски и вчера најави жестоки и драконски казни за маркетите што изминатиот период користеле нефер трговски практики.
Според него, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и на Комисијата за заштита од конкурентност изминатиот период ја следи работата на неколку маркети и ги анализира нефер трговските практики односно дали има картелско здружување и договорно утврдување цени меѓу трговските синџири.
Министерот за економија Бесар Дурмиши пред два дена најави дека идната недела ќе се прави анализа на цените на производите што граѓаните ги плаќаа на крајот од годината и на почетокот на оваа.
Целта е, како што вели, да се види дали имало поскапување и девијантно однесување од страна на трговците. Тој додаде дека откако ќе се направат анализите и ќе се види дали тврдењата за повисоки цени се точни ќе известат за тоа како ќе постапат понатаму.
