Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изразува уверување дека станува збор за ненамерна изјава на министрите Бесими и Лорер, кои на првата средба на македонско-бугарската Работна група за економија меѓу другото разговараа за формирање на посебен механизам за транспарентност на инвестиции, односно заштита на инвеститорите и од македонска и од бугарска страна, за што од КСЗД реагираат оти законски е невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) алармира дека нејзиниот мандат ќе биде директно делегитимиран доколку се воспостави механизам за заштита на инвеститори од дискриминација, како што најавија министерот за финансии Фатмир Бесими и бугарскиот министер за иновации и развој Даниел Лорер на првата средба на македонско-бугарската Работна група по економија.
Комисијата изразува уверување дека станува збор за ненамерна изјава на министрите Бесими и Лорер, како и дека по оваа реакција двајцата министри ќе воочат оти е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело.
КСЗД дополнува и дека овозможувањето на ваквиот паралелен механизам за заштита од дискриминација, наменет исклучително за лица од одредена етничка или национална припадност и социјален статус, претставува индиректна дискриминација врз основа на етничка или национална припадност и социјален статус во областа на правосудството и управата.
Воедно, како што нагласуваат од Комисијата, формирањето на паралелен механизам, наменет исклучиво за заштита на инвеститорите од Република Бугарија, би бил во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, па оттука, ова тело не би можело да произведува никакви правни акти за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи нема процесен и материјален закон, врз основа на кој може истото да го направи.
„Алармираме дека евентуалното формирање ваков паралелен механизам задира во независноста и самостојноста на ова професионално и експертско тело за еднаквост и е директно делегитимирање на мандатот на КСЗД. Потсетуваме и дека превенцијата и заштитата од секаков вид дискриминација се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој, КСЗД е единственото тело за еднаквост во земјава кое постапува во случаи за спречување и заштита од дискриминација и во приватниот и во јавниот сектор, кон сите домашни и странски физички и правни лица, вклучително и дискриминација на потенцијални странски инвеститори“,
наведува КСЗД во реакцијата.
Комисијата потенцира дека меѓународните стандарди кои ја регулираат поставеноста и работата на Националните тела за еднаквост предвидуваат телата за еднаквост слободно и независно да одлучуваат за сите прашања поврзани со нивните надлежности.
„Исто така, овие принципи предвидуваат дека независните тела треба да бидат сочинети од професионалци и експерти кои исполнуваат строги и високи критериуми за избор во областа на дискриминацијата. Токму затоа, превенцијата и заштитата од дискриминацијата се спроведува на експертско и професионално, а не на политичко ниво. Оттука, формирањето на паралелниот механизам би значело директна повреда на овие принципи. Веруваме дека станува збор за ненамерна изјава на министрите и се надеваме дека по оваа реакција на КСЗД, ќе воочат дека е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело“,
истакнува КСЗД.
На првата средба на македонско-бугарската Работна група за економија помеѓу македонскиот министер за финансии, Фатмир Бесими и министерот за иновации и раст на Бугарија, Даниел Лорер меѓу другото беше разговарано за формирање на посебен механизам за транспарентност на инвестиции, односно заштита на инвеститорите и од македонска и од бугарска страна.
Како што нагласи министерот Бесими, формирањето на овој механизам би значело оти „било која компанија, македонска или бугарска да може да пријави проблем, евентуална дискриминација или сомнеж за дискриминација при реализирањето на планот за вложување“.
„Целта е да нема дискриминации, на највисоко политичко ниво да се алармира ако некој инвеститор има проблеми во однос на бирократијата, постапките. Праксата покажува дека не се што е во документите се спроведува. Ако таквите евентуални проблеми се пренесуваат побрзо до системот на највисоко ниво, тогаш ќе биде побрза и реакцијата за нивно елиминирање“,
рече министерот Бесими на прес-конференцијата по првата средба на македонско-бугарската Работна група за економија.