Ставот на Министерството е дека законот треба да биде донесен што е можно поскоро, но имплементацијата би одела фазно – односно прво би се изрекувале опомени, па потоа казни – вели Никола Грбачевски

Институциите избираат „мека имплементација“ на Законот за заштита од пушење, рече советникот во министерството за здравство, Никола Грбачевски при гостување во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21.
Ова значи дека законот кој ги разбрани угостителите, нема да почне со целосна имплементација на 1 март.
Според Грбачевски, власта не ретерира туку го намалува судирот меѓу јавноздравствената цел и економската реалност во угостителството.
Сепак, тој не посочи колку ќе трае фазата на имплементација.
„Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата ќе одиме со мека примена на законот што ќе значи на почеток опомени, едукација, рамо до рамо работа во правец на исполнување на условите, создавање јавни простори без чад. Дали законот ќе биде донесен до 1 март, зависи од многу фактори. Водиме институционална дискусија, добиваме фидбек од сите засегнати во имплементацијата. Ставот на Министерството е дека законот треба да биде донесен што е можно поскоро, но имплементацијата би одела фазно – односно прво би се изрекувале опомени, па потоа казни“,
изјави Грбачевски.
Засега јасно е дека со новиот закон ќе биде забрането пушење на класични цигари, електронски цигари и користење уреди со загреан тутун во сите јавни и затворени простории.
„Согласно европските стандарди, веќе забраните се изнесуваат и надвор на отворен простор, односно се ограничува пушењето и на отворен простор. Нема да смее да се пуши ниту во приватен автомобил доколку во него има дете. Пред влезовите на училиштата и градинките нема да смее да се пуши, туку ќе мора да има одредена дистанца, а колкава ќе биде таа, оставаме на совеста на граѓаните. На игралиштата каде што играат деца ќе биде забрането, за децата да не бидат изложени, односно да не гледаат како се пуши“,
кажа советникот Грбчевски.
Во однос на тоа колкав период ќе траат фазите за прилагодување кон законските измени, тој рече дека и тоа е нешто што сега се усогласува.
„Дали ќе бидат 6 месеци, дали ќе бидат 8 месеци, дали ќе бидат 3 месеци, не можам да кажам, тоа ќе зависи како ќе одлучи оперативната работна група“,
додаде Грбчевски.
- Угостителите бараат пролонгирање на Законот против пушењето: Прво кампања, потоа примена
- Малите трговци алармираат: Новиот закон за заштита од пушење ќе стави клуч на врата на над 4 000 бизниси
- Групација за производство на цигари: Нацрт-законот за заштита од пушењето е изработен по словенечки модел и не е применлив кај нас
Во јавната дебата некои од засегнатите страни сметаат дека предложениот закон бара сериозна доработка, не само поради угостителите, туку и поради индустријата и државниот буџет. Како конкретен проблем се посочува отсуството на прецизни преодни и завршни одредби – од кога точно почнуваат да важат ограничувањата и што ќе се случува со постојните залихи на тутунски и никотински производи што според новите правила би можеле да станат нерелевантни за продажба.
За потсетување, новиот предлог-закон предвидува забрана за пушење на сите видови цигари и уреди, не само класични цигари, туку и електронски цигари и „вејп“ уреди, во сите затворени угостителски објекти, компании, во и пред јавни институции, како и во училишта, градинки, автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти.
Забрането е пушење и во автомобил доколку во возилото има дете.
Казните за граѓаните изнесуваат од 150 до 300 евра, а за фирмите до 5.000 евра.
