Информираме дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури, порачуваат од Владата
Законот за заштита на децата ќе се доработи и повторно ќе биде доставен до Собранието, велат од Владата за МИА, откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот. Од Владата кусо посочуваат дека постапката ќе се одвива согласно законските рокови.
„Како Влада информираме дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури“,
се наведува во одговорот од Владата.
Сиљановска-Давкова на 31 декември 2024 г. испратила известување до претседателот на Собранието Африм Гаши дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.
Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо се веќе уредени со закон“,
се наведува во образложението од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде што е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот“,
пишува во документот.
Законот е донесен на 24 декември, а информацијата дека Сиљановска-Давкова не го потпишала указот ја обелодени денеска СДСМ. Од опозициската партија ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.
„Членот 9 и членот 10 од предлог-законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на законот, власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“,
велат од СДСМ.
Со реакција се јави и опозициската ДУИ откаде велат дека станува збор за скандалозна одлука на претседателката, што претставува напад на двојазичноста. Најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и политички механизми за да го спречат, како што велат, ова „антиалбанско лудило“.
„Ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија! Но, ова не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на ‘Влен’, Африм Гаши, јавно настапи со изјава со цел да го подготви јавното мислење против албанскиот јазик и да создаде алиби за овој чекор, а веднаш потоа, разгорениот антиалбански национализам се активираше за да негира и напаѓа сè што е албанско. Ова е агресија против Албанците, во која ‘Влен’ свесно ја презема улогата на соработник,“
велат од ДУИ.