„Прифативме многу забелешки, како еден труд помалку за магистериум или за докторат, објавување трудови во базата ‘Скопус‘ (Scopus) за хуманистички и општествени науки, ја намаливме банкарската гаранција за приватните универзитети, поставивме нови критериуми за изведување трет циклус студии според барањата на универзитетите и уште многу други кои ќе бидат видливи в понеделник на ЕНЕР“, кажа министерката
Законот за високо образование в понеделник повторно ќе се постави на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) со сите забелешки што се прифатени за време на јавните дебати или што се доставени по електронски пат. Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по учеството на регионалната конференција за високо образование што денеска и утре се одржува во Скопје каде што кажа дека неколку дена откако законот ќе ја помине процедурата на ЕНЕР ќе биде проследен во владина процедура.

„В понеделник повторно ќе биде поставен на ЕНЕР, два-три дена за да се видат измените што се направени и веднаш потоа ќе оди во владина процедура“,
рече таа.
Според неа, многу забелешки се прифатени, односно сè што сметале дека е конструктивно, како и онаму каде што направиле некој пропуст, без разлика дали е номотехнички или малку посуштински.
„Прифативме многу забелешки, како еден труд помалку за магистериум или за докторат, објавување трудови во базата ‘Скопус‘ (Scopus) за хуманистички и општествени науки, ја намаливме банкарската гаранција за приватните универзитети, поставивме нови критериуми за изведување трет циклус студии според барањата на универзитетите и уште многу други кои ќе бидат видливи в понеделник на ЕНЕР“,
кажа министерката.
Законот, како што рече, е работен долго време, а консултирани се многу експерти и многу други закони.
Смета дека финалната верзија ги почитува европските барања за подобрување на квалитетот во високото образование.
Предлог-законот за високо образование од крајот на јануари беше цел месец поставен на ЕНЕР, заедно со предлозите за законот за квалитет на високото образование и за научноистражувачка дејност.
Ресорното Министерство креираше и посебни е-адреси за сугестии и забелешки.
Во текот на февруари се организираа јавни дебати со јавните и со приватните универзитети за да се слушнат мислењата на професорите. Министерката во повеќе наврати рече дека сите издржани и аргументирани забелешки ќе бидат вградени во конечниот текст на предлог-законот.
