„Тоа што законот го нуди, на некој начин е гробница за младите асистенти. Внимавајте, создава привилегии за веќе пензионирани професори“, рече Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека предложените измени на Законот за високото образование се катастрофално лоши и побара законот во оваа форма воопшто да не се доставува до Собранието, најавувајќи широка јавна расправа доколку власта не се повлече.
Филипче предупредува дека со новите законски решенија, со членовите 198, 199 и 201, се врши брутална централизација на моќта кај министерот, односно кај Владата, и со тоа се нарушува автономијата на универзитетите.
„Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и една форма на апсолутен владетел. Членот 13, наместо да ја штити институционалната независност, отвора механизам за директна контрола од извршната власт. Ова е спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смее да бидат продолжена рака на Владата“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Според СДСМ, законот создава сериозна социјална и генерациска неправда.
„Тоа што законот го нуди, на некој начин е гробница за младите асистенти. Внимавајте, создава привилегии за веќе пензионирани професори“,
истакна Филипче.
Член 175, како што рече, им овозможува продолжено влијание на веќе пензионирани професори. Додека младите наставници и асистентите се соочуваат со рестрикции, автоматско исклучување и несигурност, пензионирани професори добиваат право да предаваат и да користат институционални ресурси. И ова, според него, создава сериозен генерациски дисбаланс.
Филипче посочи дека законот наметнува високи критериуми за објавување влијателни трудови, без притоа државата да обезбеди финансиска поддршка.
„Практично, се нуди закон во кој науката станува луксуз само за богатите. Зошто? Затоа што се наметнуваат строги критериуми за публикации со инпакт-фактор, без државата да обезбеди стабилно финансирање на науката, фондови за објавување, истражувачка инфраструктура и институционална поддршка, притоа квалитетот се сведува само на бројки“,
рече Филипче.
Тој додаде дека се изедначуваат хуманистичките и биолошките науки. Според него, додека хуманистичките науки се занимаваат со системот во државата и тука се прават истражувањата во нашите околности во нашите системи и тука е, рече тој, несоодветно тоа изедначување со биолошките науки.
Објавувањето во такви списанија чини над 2 000 евра, а, според Филипче, без државни фондови, квалитетот се сведува само на бројки, што е дискриминирачки за научноистражувачките работници.
Според него, се воведува сопственичка дискриминација и монопол на јавните универзитети над приватните, што е спротивно и на Уставот и на европската практика.
„Член 132 став 10, се забранува приватните универзитети да образуваат кадри во клучни области медицина, право, архитектура, иако овие факултети со децении наназад некои од нив имаат валидни акредитации добиени од државата. Станува збор за факултети коишто вработуваат професори, друг наставен научен кадар, кои што едуцираат студенти. Во овој момент има на раководни функции во државата луѓе кои што имаат дипломи од тие универзитети. Се поставува прашањето зошто се сака така брутално на тие универзитети, односно факултети да им се одземат акредитациите и да се затворот“,
рече Филипче.
Претседателот на СДСМ смета дека има една форма на, како што рече, академски терор за престанок на звање и губење на работа по автоматизам. Според него, се воведува казнен модел каде што професорите живеат практично во постојан страв од губење на работата. Член 164 предвидува по автоматизам, доколку не се исполнат дел од условите за реизбор, наставникот го губи звањето и работниот однос по сила на закон без заштитни механизми од законот за работни односи.
Филиче рече дека има удар врз интердисциплинарноста и доживотното учење.
„Со членовите 116,122,123 се ограничува упис на магистерски, докторски студии само на исто или сродно подрачје според статистички кодови, со што се убива можноста за промена на кариерата. Барањата за докторски студии се поставени без реална проценка на времето и на трошоците. Докторатот практично останува скап, премногу и недостапен и тоа ќе доведе до една неминовност младите повторно да заминуваат да ги прават тие научно-истражувачки активности и истражување во странство“,
рече Филипче.
Тој информира дека се поставуваат апсурдни кумулативни услови, 50 меѓународни проекти, 500 научни публикации за пет години, кои ги исполнуваат само неколку универзитети. И ова не е за квалитет туку за вештачко стеснување на кругот на оние што смеат да произведуваат знаење, принудувајќи ги младите да одат во странство.
„Вонредните студии да се забранат е практично социјално неправедно и родово дискриминаторска пракса, затоа што се ограничува пристапот со оваа забрана до образование на вработени лица, возрасни студенти, лица со семејни обврски“,
кажа Филипче.
Тој смета дека ова ќе има сериозен ефект во родовиот контекст бидејќи непропорционално ги погодува и жените во образовниот сектор.
Новите законски решенија за високото образование предвидуваат нов начин на финансирање на високообразовните установи, зајакнување на критериумите за напредување во звањата на факултетите, реорганизација на Агенцијата за квалитет во високото образование и промена во студиските програми.
Од Министерството за образование и наука (МОН) денеска рекоа дека почнува со посета на универзитетите во земјава во рамки на јавната расправа за Законот за високо образование.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставници од МОН ќе остварат средби со сите професори што сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе бидат дискутирани спорните членови од Законот.
Таа вчера посочи дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
