„ФЗО направи сериозни чекори по овој случај и податоците на граѓаните се целосно безбедни. Не можам да го кажам истото за секоја институција во државата. Затоа е важен законот за сајбер-безбедност“, вели министерот за дигитална трансформација

Новиот закон за сајбер-безбедност ќе ги зајакне институциите во превенција од хакерски напади, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. За случајот со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) од пред две години, државата платила милионски суми за „откуп“, односно за отклучување на податоците, а според неофицијалните информации, земјите во регионот како Албанија, на пример, исплатиле повеќе од 100 милиони евра за „откуп“. Андоновски не открива колку милиони евра исплатила Северна Македонија, но вели дека податоците на осигурениците во ФЗО сега се безбедни.
„ФЗО направи сериозни чекори по овој случај и податоците на граѓаните се целосно безбедни. Не можам да го кажам истото за секоја институција во државата. Затоа е важен законот за сајбер-безбедност, бидејќи за првпат им дава обврска на институциите, како што се грижат за својот останат имот – архива, зграда, противпожарни системи, системи за справување со незгоди, на истиот начин да се справува со сајбер-последиците. Затоа што досега, замислете, ако се случи ваков напад, немаше никаква одговорност, ни обврска на раководителот на институцијата. Првпат со законот за сајбер-безбедност, Закон за безбедност на мрежи и информациони системи, воведуваме одговорност за известување при помали закани, напади итн., но и можност за реакција на институциите. Затоа кажав дека се работи за историски момент, зашто конечно ќе имаме регулатива што го уредува ова прашање“,
вели Андоновски.
Законот предвидува формирање неколку тела – Национален координативен совет за сајбер-безбедност, Сектор за сајбер-безбедност (во МДТ) и владин центар за одговор на инциденти. Сите, според министерот, имаат значајна улога. Советот, како што објаснува, ќе биде дел од Националниот совет за дигитална трансформација, политичко тело со кое претседава премиерот, а ќе дава насоки за политичко дејствување – акциски планови, контрола на закони и подзаконски акти.
„Секторот за сајбер-безбедност е нашата точка за контакт кон странство и единствена точка за контакт за пријавување сајбер-инциденти во државата. Се наоѓа тука, во Министерството за дигитална трансформација, и со овој закон се озаконува неговото постоење, а истиот е формиран со промена на систематизацијата од 1.1.2025 г. И тоа ќе биде телото кое ќе креира политики, но и ќе го врши мониторингот како се реализираат тие политики. И тоа тело ќе го формира телото за одговор на сајбер-инциденти – т.н. владин ЦИРТ“,
посочува Андоновски.
Во државата веќе постои Национален центар за одговор на инциденти, сместен во АЕК, но според Андоновски тој центар ќе дава насоки за сите институции кои не се под надлежност на Владата.
„Центарот во МДТ ќе има техничко-оперативна улога. Тој на дневно ниво ќе следи, ќе мониторира какви се состојбите, каков е сообраќајот, дали постојат инциденти, на пониско, повисоко ниво и дали тие треба да се ескалираат, да се реагира побрзо. Да се замисли како еден вид на ‘task force’, работно тело кое оперативно работи на мониторирање на сајбер-инциденти“,
вели министерот.
Во Секторот за сајбер-безбедност во МДТ има пет вработени, но планирани се вкупно 25 вработувања. За експертите за сајбер-безбедност, со новиот закон, е предвиден надоместок од 40% на основната плата, но не само во овој сектор во Министерството за дигитална трансформација, туку и за сајбер-професионалците во другите институции.
„За раководител на сектор основната плата би требало да се движи околу 80-90 илјади денари. Не е совршена ситуацијата, во приватниот сектор, јас кажав отворено, околу 10 илјади евра е платата за професионалец на тоа ниво. И во Македонија, интересно, нема доволен број ниту во приватниот сектор. Значи, и на банки и важни институции им недостасува кадар, го бараат и ќе треба да го создаваме. Не сметаме дека Министерството ќе ги има најдобрите кај себе поради платите, но ќе се обидеме со обуки и чувство на патриотизам, со дообучување што не може баш да го понуди приватниот сектор, да ги задржиме овие сајбер-професионалци“,
додава Андоновски.