Предлог-законот за буџет е во процес на финализирање, согласно консултациите со Светска банка, ММФ и ЕУ, информира министерката за финансии Нина Ангеловска по денешната четврта седница на Советот за управување со јавни финансии, координативно тело на Владата за следење на спроведувањето на реформите предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година.
„По завршување на предвремените избори, ковид-19 кризата, како и потребниот период за јавни консултации, очекувањата се дека законот треба да биде донесен до крајот на 2020 година. Со новиот Закон за буџети ќе биде регулирано воспоставувањето на фискалните правила и Фискалниот совет. Подготвен е и новиот предлог-закон за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој паралелно со новиот Закон за буџети, треба да се донесе во текот на 2020 година. Со новиот закон се очекува дополнително да се зајакнат основите за спроведување на јавната внатрешна финансиска контрола низ целиот јавен сектор“,
соопшти Министерството за финансии.
Во изминатиот период е подготвена и Стратегија за реформа на даночниот систем за која беше спроведена јавна консултација со заинтересираните страни. Оваа стратегија ги интегрира главните приоритети во областа на даночната политика и даночната администрација во периодот 2020-2023 година.
Паралелно со реформите во буџетот, продолжуваат реформите во системот на управување со јавните финансии преку воспоставување на нов ефикасен и интегриран информациски систем за управување со финансии во Министерството за финансии (ИФМИС).
Сите реформски процеси ќе бидат дел од новиот Акциски план за 2020 година. Буџетот за спроведување на новиот Акциски план за 2020 година е планиран на 12 милиони евра, од кои 2,3 милиони евра се од буџетот на државата, додека 9,7 милиони евра би се обезбедиле од донаторски извори.
Ви Советот за управување со јавни финансии членуваат вицепремиерите за европски прашања и за економија – Османи и Царовска, министрите за економија и информатичко општество и администрација Бектеши и Манчевски, како и директорите на УЈП, Царинска управа, Биро за јавни набавки, Државниот завод за статистика, Државна комисија за жалби по јавни набавки и Главниот државен ревизор.
