Министерството за труд и социјална политика (МТСП) утре до Владата ќе го достави предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кој ќе биде прв нормативен акт на новата власт. Информацијата за „360 степени“ ја потврди ресорната министерка, Јагода Шахпаска, која вели дека МТСП работи на финалните подготовки на законот пред утре тој да биде официјално испратен до Владата.
Откако ќе помине на владина седница, предлог-законот се праќа до Собранието каде пратениците треба да го изгласаат.
Трета среќа?
Собранието го усвои овој закон уште минатата година, но Уставниот суд на 4 мај годинава реши да го укине. За Судот спорно беше мнозинството со кое е донесен, што е и основата за иницијативата за оценување на неговата уставност.
Законот беше донесен со 51 глас, но не беше потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. По повторното гласање во парламентот, тој е изгласан со 55 гласа, наместо со најмалку 61 глас.
Уставниот суд оценил дека во овој случај основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот закон со член 75 став 3 од Уставот, од причина што, според Судот, е донесен без потребното мнозинство, односно за него не гласале 61 пратеник (за шефот на државата да биде обврзан да го потпише указот за негово прогласување).

Зошто е важен Законот за антидискриминација
Без закон, во моментот е блокирана и Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Законот предвидува професионализација на Комисијата и проширување на нејзините надлежности во насока на превенција. Како новина се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес – actio popularis.
Законското решение предвидува и измена во основите за дискриминација со нивно проширување. За првпат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација. Во поимникот се вметнуваат нови термини меѓу кои „лице со попреченост“, „соодветно приспособување“ и „пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите“. Понатаму се додава нов облик на дискриминација – сегрегацијата, како и „инструкцијата“ за дискриминација.
Претседателот Стево Пендаровски прашан за тоа како се случило да потпише указ за закон што не бил донесен со потребниот број гласови, рече „кабаетот“ за таа работа е кај собраниските служби.
Невладиниот сектор изминатиот период остро реагираше и велеше дека реформирањето на системот за спречување и заштита од дискриминација е ветување кое владата на СДСМ не го оствари.
Непосредно пред предвремените парламентарни избори девет мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно се повеќе од 100 здруженија, испратија барање до сите политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, за поддршка на Декларација за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) од страна на новиот парламентарен состав.
Политичките партии кои стојат како потписници на оваа Декларација се: Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР), Партијата за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.