Миграцијата, исто така, се најде меѓу заклучоците од самитот. Европските лидери ја нагласиле потребата од спречување и спротивставување на нерегуларната миграција, на олеснување, зголемување и забрзување на депортацијата во безбедни земји на потекло и на зајакнување на борбата против инструментализацијата на мигрантите, трговијата со луѓе и шверцот
Проширувањето на Европската унија е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и Европскиот совет ги поддржува своите заклучоци за проширувањето одобрени на 17 декември 2024 година, се вели во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан во Брисел. Од унијата додаваат дека имајќи ја предвид новата динамика во процесот на проширување во согласност со принципот за пристапување засновано на заслуги, и Унијата и земјите аспиранти за членство имаат одговорност максимално да ја искористат оваа можност.
Лидерите на членките на ЕУ разговарале и за активностите на Русија и за нејзината, како што велат, „хибридна кампања“ што вклучува саботажи, нарушување на критичната инфраструктура, кибер напади, манипулации со информации и мешање и обиди за поткопување на демократијата, вклучително и на изборните процеси во Европската Унија и нејзините земји членки.
„Европската унија и земјите членки ќе продолжат да ја зајакнуваат својата отпорност и целосно да ги користат сите расположливи средства за спречување, одвраќање и одговор на хибридните активности на Русија“,
се додава во заклучоците.
Во врска со активностите на Русија, првите луѓе на европските земји го поздравија и успешното спроведување на претседателските избори и на референдумот за ЕУ, и покрај руските обиди за „поткопување на демократските институции на земјата“. Се најавува дека ЕУ ќе продолжи тесно да соработува со Молдавија за да ги подобри стабилноста и отпорноста на земјата и да ги поддржи нејзините реформски напори на европскиот пат, преку спроведувањето на Планот за раст и брзото усвојување на Механизмот за реформи и раст.
Лидерите на ЕУ го поздравуваат успешното спроведување на претседателските избори и референдумот за ЕУ во Молдавија и покрај „хибридните активности на Русија за поткопување на демократските институции на земјата“.
„Европскиот совет ја повикува Комисијата итно да ги разгледа понатамошните начини за обезбедување помош за Република Молдавија во зајакнувањето на нејзината енергетска безбедност“,
додаваат лидерите на ЕУ во заклучоците.
Сериозна загриженост е изразена во врска со состојбата во Грузија. Европскиот совет ги нарече активностите на грузиската влада „спротивни со вредностите и принципите врз кои е заснована Европската Унија“ и изразува жалење поради одлуката на властите да го суспендираат процесот на пристапување на земјата во ЕУ до 2028 година. Советот остро го осуди и, како што вели, насилството врз мирните демонстранти, политичари и претставници на медиумите.
Миграцијата, исто така, се најде меѓу заклучоците од самитот. Европските лидери ја нагласиле потребата од спречување и спротивставување на нерегуларната миграција, на олеснување, зголемување и забрзување на депортацијата во безбедни земји на потекло и на зајакнување на борбата против инструментализацијата на мигрантите, трговијата со луѓе и шверцот.
„Европскиот совет ја поздравува намерата на Комисијата да поднесе законски предлог за депортација на почетокот на 2025 година, ги повикува институциите на ЕУ да им дадат приоритет на досиејата со миграциска димензија“,
се наведува во документот.
Советот ја поздрави и одлуката за укинување на контролите на внатрешните копнени граници меѓу Бугарија и Романија и останатите земји од Шенген зоната од 1 јануари 2025 година и нагласува дека ги поддржува Стратешките насоки за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата усвоени на 12 декември 2024 година.
На Самитот на ЕУ, лидерите ги повикуваат сите страни во Сирија да го зачуваат националното единство и да обезбедат заштита на сите цивили, да овозможат јавни услуги, како и да создадат услови за инклузивна и мирна политичка транзиција и за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци.
Европските лидери го поздравуваат и договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан од 27 ноември 2024 година и ги повикуваат сите страни да го почитуваат прекинот на огнот согласно договорено и апелираат на целосна и симетрична имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.
Лидерите на ЕУ одново повикаа на итен прекин на огнот во Газа, безусловно ослободување на сите заложници, итно подобрување на пристапот и одржлива дистрибуција на хуманитарна помош низ Газа и траен прекин на непријателствата.