„Земјите аспиранти треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување базиран на заслуги и со помош на ЕУ“, се наведува во заклучоците

Европскиот совет ја нагласува континуираната важност на проширувањето на Европската Унија како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, се наведува во делот од заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветен на проширувањето и внатрешните реформи на блокот.
Во документот се посочува дека проширувањето е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, намалување на нееднаквостите меѓу земјите и мора да ги негува вредностите врз кои е основана Унијата.
„Гледајќи кон идната перспектива на понатамошно проширена Унија, идните земји членки и ЕУ треба да бидат подготвени во времето на пристапување. Земјите аспиранти треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување базиран на заслуги и со помош на ЕУ“,
се наведува во заклучоците.
NOW AVAILABLE – European Council conclusions on Middle East, European defence and security, MFF, Enlargement and Reforms, Migration, and other items, 18 December 2025 #EUCO
— EU Council Press (@EUCouncilPress) December 18, 2025
👇https://t.co/dxbeEoSo73
Во нив се додава дека паралелно со ова, Европската Унија треба да ги постави потребните внатрешни темели и да спроведе реформи, што ќе ја направи посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет.
„Како што процесот на проширување напредува, Европскиот совет ја поканува Комисијата да ги презентира своите длабински прегледи на политиките (за реформите), со цел двата процеси да напредуваат паралелно“,
се додава во делот од заклучоците од Самитот за проширувањето и реформите.
Освен за проширувањето, во заклучоците на Европскиот совет има документ посветен и на Блискиот Исток, европската одбрана и безбедност, миграција и други прашања.
