Според премиерот, најголем е ефектот кај групата од 150 000 пензионери кои претходно имале пензија од 10 до 12 илјади денари

Заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување на пензиите за седум илјади денари и, со интервенцијата започната од ноември, нема да има пензија под 15 илјади денари, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, со линеарното зголемување на пензиите не само што се намалува јазот, односно се зголемува правилната распределба на приходите, туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи, како што рече, пензионерите се најсиромашната група граѓани.
Според премиерот, најголем е ефектот кај групата од 150 000 пензионери кои претходно имале пензија од 10 до 12 илјади денари.
Сега, како што рече Мицкоски, минималните примања во оваа категорија ќе се движат помеѓу 17 000 и 19 000 денари.
Цениме, рече Мицоски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на нова детска градинка во Кочани, дека со ова уште повеќе ќе влијаеме позитивно во намалување на стапката на сиромаштија.
Прашан дали Уставниот суд би можел да го спречи линеарното зголемување на пензиите, Мицкоски рече дека не би ги коментирал одлуките на Уставниот суд затоа што, како што наведе, „воведовме таква пракса и тоа е правилното – да не се коментираат одлуките на Уставниот суд“.
„Јас само можам да ги коментирам податоците кои ги објави Државниот завод за статистика, односно социјалните показатели и параметри. Таму се анализирани два суштински, кои се битни за граѓаните. Едниот е стапката на сиромаштија, другиот е токму оној џини-коефициент, односно правилната или неправилната распределба на доходите. Точно е дека како држава сме лидери во регионот и сме над европскиот просек. А што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала – 21,9 отсто, споредено со 22,2 проценти во 2023 година, а ако се спореди со 2021 година, тогаш беше 23 отсто“,
додаде Мицкоски.
Минатиот месец пензионери од целата држава се собраа пред Уставниот суд во Скопје на протест против можноста за престанок на линеарното зголемување на пензиите. Нивното барање е да продолжи линеарното пресметување, со цел да се намали јазот меѓу најмалите и најголемите пензии.
Покрај линеарното усогласување, групата пензионери бара и воведување К-15, покачување на посмртнината од 35 000 на 50 000 денари, воведување пензионерска картичка.
Од Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување).
Оттаму укажуваат дека на 24. седница што се одржа на 19 ноември, Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж за уставноста на членот 2 од Законот, но дека сè уште во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот.
По ова, како што рекоа од Уставен на 27 ноември, ќе следува конечна одлука.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања од собраниската говорница рече дека Судот веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
