ДИК го усвои Упатството за гласање во избирачките места со помалку од десет гласачи. Такви има две во Гостивар и пет во Маврово Ростуше

Државната изборна комисија (ДИК) денеска го заклучи Избирачкиот список за гласањето на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат веднаш по новогодишните и божикните празници на 11 јануари 2026 година.
Во Гостивар во Избирачкиот список се запишани 82 870 граѓани со право на глас, од кои 78 185 гласачи се постојани жители на општината, како лица што живеат во странство се запишани 4 604 гласачи, додека во затвор или во притвор се 81 лице.
Во Избирачкиот список за Маврово Ростуше се запишани 10 575 граѓани со право на глас, од кои 9 622 гласачи се постојани жители на општината, во странство се 951, а во затвор или во притвор се двајца.
Во Избирачкиот список за Врапчиште запишани се 27 279 граѓани со право на глас, 26 318 во посебниот Избирачки список за жители од Општината, во посебниот ИС за гласачи кои живеат во странство се запишани 950, а 11 во затвор или во притвор.
Бројот на гласачи во Центар Жупа запишани во Избирачкиот список се 7 562, од нив 6 305 во општината, во посебниот ИС за гласачи во странство се запишани 1 257 лица.
ДИК го усвои Упатството за гласање во избирачките места со помалку од десет гласачи. Такви има две во Гостивар и пет во Маврово Ростуше.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, посочувајќи на упатството, истакна дека ОИК во четирите општини треба да го организира гласањето за да им се овозможи на овие лица да го остварат своето право на глас во најблиските гласачки места.
