Надоврзувајќи се на процесот што почна минатата недела, подготвени сме да се вклучиме во дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет, кои цврсто ги поддржуваме, се наведува во изјавата
Осумте европски држави кон кои американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе зголемување на царините поради Гренланд, објавија заедничка изјава, во која посочуваат дека станува збор за потег кој ги поткопува трансатлантските односи. Во објавата потпишана од Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија, се наведува и дека ќе продолжат да бидат обединети и координирани, посветени на зачувување на суверенитетот.
„Во целост сме солидарни со Кралството Данска и народот на Гренланд. Надоврзувајќи се на процесот што почна минатата недела, подготвени сме да се вклучиме во дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет, кои цврсто ги поддржуваме,“
се наведува во изјавата.
Исто така се нагласува и дека неодамнешната данска воена вежба не претставува закана кон никого.
„Како членки на НАТО, ние сме посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот како заеднички трансатлантски интерес,“
пишува во објавата.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 проценти за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Трут соушал, тој соопшти дека мерката стапува во сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни и ќе продолжат да важат се додека не се постигне договор за Гренланд.
