Нема да престанам под никакви закани да се борам европската пракса да биде применета и во Македонија, односто енормните трошоци да останат таму каде што припаѓаат – во џебот на граѓаните, рече претседателката на ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на денешната прес-конференција во партиското седиште рече дека добива закани чиј интензитет во последно време се зголемува. Таа вели дека доколку тие поединци кои ѝ се закануваат, а кои воедно, според неа, застапуваат туѓи интереси, манипулирајќи го членството со измама наведувајќи го на депонирање некакви постапки, таа може да ги објави транскриптите и доказите од сите разговори и преписки преку кои овие лица ѝ се заканувале лично. Дополнително, вели, нема да дозволи никакви закани, притисоци и уцени во однос на партискиот и личен став за Законот со кој би требало да се намалат банкарските провизии.
„Здружените напади и уцени кои доаѓаат од оние на кои ќе им се намалат моќта и профитите, здружени со лица на кои им се прекината државната функција и привилегии, кои сакаат да ја дефокусираат јавноста од политиките кои ги промовираме, нема да ме натера да се откажам од истите затоа што се водам и како пратеничка и како претседателка на ЛДП од јавниот интерес и од интересот на граѓаните! Не подлегнувам на никакви закани затоа што сѐ што програмски го предлагаме во Собранието е во интерес на граѓаните и државата“,
кажа Зајкова.
Зајкова вели дека ставот на партијата е дека во Собранието ќе дејствуваат независно, а согласно програмските принципи и либерално-демократските вредности ќе дадат поддршка на она што верува дека е добро за државата и граѓаните и ќе го критикуваат она што сметаат дека не е. Затоа, таа смета дека заканите кои ги добива заслужваат внимание од органите на државата.
„Затоа само топло ќе им препорачам повеќе да ги промовираат програмските определби и вредности на ЛДП, а помалку да се занимаваат со лични калкулации и одработување за други интереси. Нема да дозволам никој со уцени и закани да ја нарушува либерално-демократската идеологија. И да, ја видов сликата од присутните од некаков иницијативен одбор за вонреден Конгрес на партијата, еве ја тука и вие сте новинари долги години, па ќе можете и вие да потврдите дека таму видовте или не видовте лица кои во јавноста се препознати либерал-демократи. Нема претставници на општинските организации и органи, нема никакво наводно мнозинство со кое се манипулира јавноста. Или пак мнозинството присутни беа донесени, некои можеби и платени, па дури има и луѓе кои немаат допирна точка со ЛДП. Евтина кампања која не поминува“,
изјави Зајкова.
Пратеничката кажа и дека тоа не се либерал-демократски вредности и оти со сила, калкулации и уцени не се добива мнозинство во партијата, туку само со чесна работа и вистински идеи.
„Ајде, ние вистинските либерал-демократи да работиме за локалните избори, да донесеме идеи за подобар живот на граѓаните. За граѓаните се бориме, за во нивните џебови да има повеќе пари, за да имаат поголема благосостојба, за Македонија да биде не пристојно туку прекрасно место за живеење. Тоа и ќе го направиме и од тоа нема откажување“,
заклучи таа.